Македонија

Ристов за недостигот на инженери: Платите за инженерите во Македонија се над 1.500 евра, но младите заминуваат

Ристов за недостигот на инженери: Платите за инженерите во Македонија се над 1.500 евра, но младите заминуваат

Енергетскиот и техничкиот сектор во Македонија се соочуваат со драматичен недостиг на квалитетен кадар. Сепак, главната причина за заминувањето на младите инженери веќе не се финансиите, туку општата организација и функционирањето на државниот систем. Ова го истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, во продолжението од разговорот во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Ристов посочи дека македонските компании и регулаторните тела секојдневно се соочуваат со недостиг од стручњаци, но проблем не е само самиот образовен систем, туку фактот што дипломираните кадри веднаш ја напуштаат земјата.

„Околу 80 до 85 проценти од завршените студенти на техничките науки уште во првиот момент размислуваат за заминување во странство. Ние понекогаш немаме ни можност да го тестираме нивниот квалитет затоа што тие воопшто не ни влегуваат во нашиот систем. Затоа мора да најдеме начин како да ги задржиме и да ги внесеме во домашните компании каде што ќе стекнат практично искуство“, истакна Ристов.

Жално е со инженерска диплома да се работи нешто сосем друго во странство

Првиот човек на РКЕ нагласи дека никој не доаѓа целосно подготвен директно од факултетските клупи и дека се потребни силни домашни компании каде што младите ќе го надградат знаењето за да дадат реален придонес во секторот. Тој изрази жалење што голем дел од младите инженери по заминувањето во странство не работат во својата струка.

„Студиите на техничките факултети се меѓу најтешките. Навистина е жално да потрошите четири или пет години од животот за да се стекнете со таква тешка инженерска диплома, а потоа во странство да работите нешто што нема никаква врска со вашата струка“, потенцираше тој.

Финансиите веќе не се главен мотив за иселување

Според Ристов, денес во Македонија инженерската струка е соодветно вреднувана и нуди висок животен стандард, што покажува дека причините за заминување се од друга природа.

„Тврдам дека за инженерскиот кадар во Македонија, било во градежништвото или во електросекторот, платите веќе се над 1.500 евра скоро насекаде и парите повеќе не се проблем. Затоа се поставува прашањето: дали парите се главниот мотив за заминување или организацијата и уреденоста на државата? За помладите генерации очигледно пресудна е организацијата на системот во кој живеат“, заклучи претседателот на РКЕ.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни