Дигитализацијата треба да ги поедностави административните процедури и да им го олесни секојдневието на граѓаните, порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на мастерклас пред студенти на Универзитетот „Пантеон-Асас Париз 2“ во Франција.
На предавањето „Servir au XXIᵉ siècle“ („Да служиш во 21 век“), Андоновски како пример го наведе студентот кој мора да пренесува потврда од една институција во друга, иако државата веќе располага со потребните податоци.
Според него, дигиталната трансформација подразбира и преиспитување на постојните процедури. Со безбедна размена и проверка на податоците меѓу институциите, граѓаните би имале помалку административни обврски, а постапките би се завршувале побрзо.
Пред студентите ја претстави и m.Uslugi, бесплатната мобилна апликација која, како што посочи, овозможува пристап до дигитални верзии на личната карта и возачката дозвола, како и до услуги за граѓаните.
Андоновски наведе дека пред официјалното лансирање апликацијата ја тестирале неколку илјади граѓани, а повеќе од 200 нивни забелешки и предлози биле вградени во конечната верзија.
Во дискусијата биле разгледани и меѓународни примери, меѓу кои украинската апликација „Дииа“, која послужила како инспирација за m.Uslugi, електронското потпишување преку мобилен телефон во Летонија и регионалниот роаминг во Западен Балкан.
Министерот им порача на студентите активно да се вклучуваат во јавниот живот, да ги препознаваат проблемите и да предлагаат решенија, без да чекаат за да преземат одговорност.
Во рамките на настанот, Андоновски и поранешниот македонски амбасадор во Франција, Јордан Плевнеш, ја врачија наградата „Фредерик Росиф“ на францускиот автор и режисер на документарни филмови Бертран Деле, поранешен директор на парламентарниот телевизиски канал LCP.
Работната посета на Андоновски во Франција опфати и посети на француски и меѓународни технолошки компании.