Македонија

Бензинските кријат гориво пред поскапување? Ристов посочи каде граѓаните треба да пријават, вели ДПИ веќе има информации

Бензинските кријат гориво пред поскапување? Ристов посочи каде граѓаните треба да пријават, вели ДПИ веќе има информации

Регулаторната комисија за енергетика нема надлежност да постапува доколку бензинска станица одбива да продава гориво, иако располага со нафтени деривати. За евентуална злоупотреба надлежна е Државната пазарна инспекција, објасни претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Ристов зборуваше за честите гужви и редици пред бензинските станици во понеделник навечер, откако РКЕ ќе ги објави новите цени на горивата.

Кога се очекува поскапување, граѓаните често се обидуваат навреме да наполнат гориво по старата, пониска цена. Но, според Ристов, во такви ситуации се појавуваат и пријави дека одредени бензински станици наводно престануваат со продажба, со образложение дека немаат гориво.

„Не. Оваа надлежност не е кај регулаторот, тоа е кај Пазарната инспекција“, рече Ристов.

Тој ги повика граѓаните кои се сомневаат дека одредена компанија намерно не пушта гориво во продажба, иако располага со нафтени деривати, случајот да го пријават во Државниот пазарен инспекторат.

„Секој граѓанин кој има дилема или барем сомнеж дека одредена компанија прави злоупотреба со тоа што има нафтени деривати, а не ги пушта на пазар, слободно може да пријави кај Државниот пазарен инспекторат“, изјави претседателот на РКЕ.

Според него, инспекциските служби се должни да излезат на терен и да проверат дали има неправилности.

Ристов предупреди дека евентуалното намерно ограничување на продажбата може да има сериозни финансиски последици за компаниите.

„Казните се огромни“, рече тој, посочувајќи дека компаниите работат со релативно мали маржи, но со голем промет.

Тој додаде дека Државниот пазарен инспекторат веќе располага со одредени информации поврзани со вакви случаи и упати предупредување до компаниите да не се обидуваат да манипулираат со продажбата на горива.

Прашањето за евентуални злоупотреби се отвора особено во деновите кога се очекуваат значителни промени на цените, бидејќи тогаш граѓаните во поголем број се упатуваат кон бензинските станици за да наполнат гориво по старата цена.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни