Бројот на домаќинства кои се приклучуваат на системот за централно греење во Скопје е значително поголем од бројот на оние кои го напуштаат системот, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов.
Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Ристов откри дека во текот на минатата година биле регистрирани речиси 1.200 нови приклучувања на системот за централно греење, додека исклучувањата, според него, се сведуваат на поединечни случаи.
„Исклучување од централниот систем во Скопје последните години практично и нема. Дали има двајца, тројца кои што се исклучиле од системот, и тоа поради причини кои што се специфични“, рече Ристов.
Тој објасни дека бројот на нови корисници е поврзан и со обврските што произлегуваат од Законот за градење. Инвеститорите на нови објекти кои имаат пристап до мрежа за топловодно греење се должни во проектите да предвидат приклучување на системот.
Ова, според Ристов, се однесува на нови станбени згради, куќи и други објекти доколку во нивниот реон постои мрежа за централно греење.
Тој како позитивен пример го посочи и повторното активирање на системот во поранешната „Бутел Север“, каде приватен инвеститор вложил во когенерација и започнал со производство и дистрибуција на топлинска енергија.
Според Ристов, новиот производител нуди пониска цена на топлинската енергија, што може да влијае врз враќањето на дел од корисниците кои претходно се исклучиле поради незадоволство од услугите или сметките.
Ристов смета дека при изборот на начин на греење не треба да се гледа само крајната сметка за електрична енергија. Тој посочи дека инвертер-климите во одредени услови можат да изгледаат поевтина опција, но во споредбата треба да се земат предвид и други технички параметри.
Како фактори ги спомена циркулацијата на воздухот, прашината и влијанието врз квалитетот на внатрешната средина.
„Мене ми е жал што инженерите треба многу почесто да излегуваат и да ги објаснуваат работите, не да се повлекуваат секој индивидуално за себе“, рече Ристов.
Тој оцени дека недостигот од стручни објаснувања остава простор јавноста да носи заклучоци врз основа на само еден параметар, најчесто цената.
„Сите оние други работи кои што се исто толку важни, може и поважни, треба да се потенцираат“, порача Ристов, додавајќи дека е потребна поголема едукација на граѓаните за енергетските прашања.