Лидија Вукиќевиќ била полиена со јогурт на скалите пред главниот влез во српското Собрание, каде што денеска е закажана конститутивната седница на новиот парламентарен состав, пренесува РТС, повикувајќи се на агенцијата Бета.
Според извештајот, еден од присутните ѝ истурил јогурт врз косата додека пристигнувала во парламентот. Собраните граѓани со свирежи пречекале дел од кандидатите за пратеници од листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“, меѓу кои Вукиќевиќ и Арно Гујон.
Претходно во собраниската зграда влегле Александар Вучиќ и Милош Вучевиќ.
Граѓаните се собрале пред парламентот на повик на студентите, за да ги испратат избраните пратеници од Студентската листа на конститутивната седница. Студентите ги повикале присутните по испраќањето мирно да се разотидат и да ја следат седницата од своите домови или од други простори.
На дневниот ред се шест точки, меѓу кои потврдување на пратеничките мандати, избор на претседател и потпретседатели на Собранието, именување генерален секретар и избор на членови на работните тела и парламентарните делегации.
Според конечните изборни резултати што ги пренесува РТС, Студентската листа освоила 140 пратенички места, листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“ 103, а малцинските листи вкупно седум.
Со конституирањето на новиот парламентарен состав започнува рокот од 90 дена за формирање влада.