Во Македонија треба да започне процесот за воведување паметни броила, најавува претседателот на РКЕ, Ацо Ристов во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ
Според него, РКЕ подготвува извештај до Владата по кој би требало да започне постапка за набавка и воведување на смарт броила во целата држава.
Паметните броила би им овозможиле на домаќинствата попрецизно да ја следат потрошувачката и цената на електричната енергија во различни периоди.
„Да можете во секое време да знаете колку ви е цената на електричната енергија, колку имате потрошувачка, кога да вклучите, кога да исклучите“, објаснува Ристов.
Технологијата, според него, би била особено значајна во услови кога се менува производството од обновливи извори и кога тарифите би можеле повеќе да зависат од времето на потрошувачката.
На долг рок, паметните броила би можеле да бидат дел и од поширок систем во кој домаќинствата со фотоволтаици, батерии и електрични автомобили ќе можат поефикасно да управуваат со сопствената енергија.