Бројот на интернет-содржини со сексуална злоупотреба на деца генерирани преку вештачка интелигенција доживува експлозивен пораст. Според податоците на британската организација „Интернет воч фаундејшн“ (ИВЕФ), кои ги пренесува лондонски „Гардијан“, во првата половина од 2026 година се откриени 6.310 вакви слики — бројка што за 40 отсто го надминува вкупниот биланс за цела 2025 година (кога беа регистрирани околу 4.500 материјали).
Податоците покажуваат дека најголемиот дел од генерираните слики прикажуваат деца и девојчиња на возраст од 7 до 13 години. Покрај фотографиите, аналитичарите забележуваат и забрзан пораст на генерациите на видео-содржини.
Од ИВЕФ предупредуваат дека овие поразителни бројки бараат итна регулација и нови правила за користење на оваа технологија.
Иако во Велика Британија создавањето, ширењето и приспособувањето на модели за вештачка интелигенција за вакви цели е строго незаконско — со затворски казни до пет години за развој на модели за хиперреалистични материјали — притисокот врз властите за дополнително потегнување законски мерки расте. Британскиот министер за вештачка интелигенција, Канишка Нарајан, изјави дека сите опции за нови правила остануваат отворени, а главен критериум ќе биде безбедноста на граѓаните.