Двете серии на БСЖ вакцината за кои се вршат дополнителни анализи – серија број 6831 од 22 декември 2022 година и серија број 807-1 од 11 декември 2023 година – целосно биле искористени до летото оваа година, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Клековски посочи дека во Македонија досега нема документирани несакани ефекти поврзани со примената на овие серии вакцини.
„Во нашата држава нема документирани несакани ефекти поврзани со примена на овие серии. Министерството, заедно со надлежните институции, спроведува дополнителни анализи, а јавноста ќе биде навремено информирана за нивните резултати. Министерството за здравство ќе обезбеди непрекинато продолжување на вакцинацијата со БСЖ вакцина, во соработка со УНИЦЕФ“, рече Клековски.
Министерот ги повика родителите да продолжат со редовната вакцинација на децата согласно Календарот за имунизација.
Тој потенцираше дека вакцинацијата останува најсигурната заштита за здравјето на децата.