Македонија

14 возачи приведени за „безобѕирно управување возило“, 10 возеле без дозвола

14 возачи приведени за „безобѕирно управување возило“, 10 возеле без дозвола
Фото: 4news.mk

Низ повеќе локации во државата полицијата во изминатото деноноќие привела 13 возачи, додека со уште еден возач е извршен службен разговор поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.

Од вкупно 14-те случаи, дури 10 се однесуваат на лица кои управувале возило без положен возачки испит. Меѓу нив се и 17-годишен малолетник од Студеничани, скопско, и 16-годишник од Кочани.

Без положен возачки испит биле затекнати И.М. (25) од Скопје, Ј.Б. (28) од Драчево, З.Н. (50) од Уларци, Чешиново-Облешево, К.С. (56) од Битола, К.Р. (52) од Велебрдо, Маврово-Ростуше, Д.Д. (43) од Гевгелија и Р.С. (62) од Врапчиште, како и Б.П. (56) од Дулица, Македонска Каменица. Б.П. возел без дозвола и под дејство на алкохол.

Под дејство на алкохол биле затекнати и И.А. (47) од Куманово и А.К. (45) од Трубарево, скопско. Кај А.К. била утврдена и активна забрана за управување со моторно возило.

Со активна мерка забрана за управување возило биле затекнати и А.Ш. (39) од Обедник, демирхисарско, и А.А. (32) од Поум, струшко.

Посебно се издвојува случајот со романскиот државјанин Г.М. (43), кој на автопатот Гевгелија – Демир Капија управувал со брзина од 178 километри на час, иако на тој дел од патот максимално дозволената брзина е 80 километри на час.

По целосното документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Од полицијата апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возила без положен возачки испит, под дејство на алкохол или со изречена забрана за управување.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Стефанија Кузмановска и Тодор Конески 10.06.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни