Германија планира да ги прогласи за кривично дело поседувањето, изработката и дистрибуирањето видеа што прикажуваат силување, како и неовластеното создавање сексуални „дипфејкови“, согласно новиот предлог-закон насочен против дигиталното насилство што денеска го одобри германската влада.
Законодавниот пакет, поднесен од министерката за правда Стефани Хубиг, воведува нови кривични дела поврзани со злоупотреба на идентитетот и ширење лажни порнографски материјали. За неговото стапување во сила ќе биде потребно одобрување и од германскиот парламент.
Според актуелното германско законодавство, поседувањето и изработката видеа што прикажуваат силување генерално не се забранети доколку се наменети за приватна употреба, додека нивното дистрибуирање не претставува автоматски кривично дело. Со новите измени се затвораат овие правни празнини, а дополнително се криминализира и неовластеното фотографирање или дистрибуирање снимки од голи гениталии, задник или женски гради на друго лице. Овие правила за дигитален воајеризам ќе се применуваат без оглед на тоа дали фотографиите се направени на јавни места, како сауни или нудистички плажи, или пак во приватни простории.
Предлог-законот е директна реакција на широко следениот случај на сексуално насилство на интернет поврзан со телевизиската ѕвезда Колиен Фернандес. Таа јавно го обвини својот поранешен сопруг, познатиот актер Кристијан Улмен, дека создал профили во нејзино име и ширел порнографски видеа на кои таа наводно се појавува. Иако Улмен ги негираше обвинувањата, случајот предизвика бранувања и протести низ целата земја.
Сексуалните „дипфејкови“ претставуваат дигитално изменети фотографии или видеа на кои лажно се прикажува вистинска личност како гола или како учествува во сексуални дејствија.