Најмалку три години ќе бидат потребни за новите научни анализи на посмртните останки на цар Самоил и на лицата погребани во негова близина во базиликата „Свети Ахил“. Бугарските научници откриваат дека меѓу пронајдените останки можеби се и коските на неговиот син Гаврил Радомир и неговиот внук Иван Владислав, објави бугарската телевизија БТВ.
Според најновите истражувања, во близина на гробот на цар Самоил биле погребани најмалку 14 лица, меѓу кои и поголем број деца. Научниците сега се обидуваат да го утврдат нивниот идентитет, а особено внимание привлекуваат два скелета за кои постои претпоставка дека им припаѓале на Гаврил Радомир и Иван Владислав.
Истражувачите посочуваат дека токму овие две групи посмртни останки се меѓу најдобро зачуваните од оние што биле пренесени од Грција.
Во прилогот на БТВ се споменува и Прилеп, каде што, според историските извори, Гаврил Радомир го одвел својот татко по битката кај Беласица во 1014 година, спасувајќи го од заробување.
„Го гледаме Гаврил Радомир во битката кај Клуч, кога го спасува својот татко од заробување. Го води во Прилеп, а во изворите се наведува дека Гаврил Радомир бил физички посилен од својот татко, но заостанувал зад неговиот ум“, објаснува еден од истражувачите.
По смртта на Самоил, престолот го наследил неговиот син Гаврил Радомир, кој владеел околу 11 месеци, пред да биде убиен од својот братучед Иван Владислав.
Токму можноста посмртните останки на Иван Владислав да се наоѓаат покрај оние на Самоил и Гаврил Радомир отвора дополнителни историски прашања, особено поради конфликтот меѓу двете семејства.
Научниците во таа насока го споменуваат и познатиот Битолски натпис на Иван Владислав.
„Тоа сè уште не е докажано. Од споменатиот Битолски натпис се гледа дека, без оглед на непријателството меѓу двете семејства, Иван Владислав имал почит кон Самоил“, наведува еден од научниците.
Сепак, истражувачите нагласуваат дека идентитетот на овие посмртни останки засега не е научно потврден и дека се потребни дополнителни испитувања.
Сите останки што биле пренесени од Грција ќе бидат предмет на анализи во меѓународни лаборатории, со учество на научници од повеќе земји.
Од бугарскиот истражувачки тим соопштиле дека нема повторно да го отвораат саркофагот со посмртните останки на Самоил, кој се наоѓа во базиликата „Света Софија“. Наместо тоа, ќе работат со претходно земените примероци што веќе се наоѓаат во лабораториите во германските градови Бон и Манхајм.
Според проценките на научниците, за завршување на испитувањата ќе бидат потребни најмалку три години, по што се очекуваат попрецизни одговори за идентитетот на лицата погребани покрај цар Самоил.