Демократската унија за интеграција преку соопштение побара оставка од заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени и целосно расветлување на случајот со двајца млади на возраст од 21 и 23 години, кои тврдат дека биле физички малтретирани од полициски службеници.
Според наводите од партијата, во интерен полициски извештај се тврди дека младите му го одзеле пиштолот на еден полициски службеник, додека тие посочуваат дека оружјето завршило во нивното возило откако полицијата скршила стакло. Во изјавите на младите се наведува дека полициски службеници пукале со огнено оружје, им ги дупнале гумите на автомобилот, по што ги врзале, ги легнале на земја и ги малтретирале.
ДУИ бара итна, непристрасна и транспарентна истрага, како и утврдување одговорност доколку се потврди дека биле пречекорени полициските овластувања. Од партијата порачаа дека правата и достоинството на граѓаните не смеат да бидат повредени и побараа целосна институционална одговорност.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека министерот наложил Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да го испита случајот, по објавите дека на 7 октомври во Скопје две лица биле физички нападнати од полициски службеници и дека им бил оштетен автомобилот. Од МВР информираат дека се преземаат мерки за утврдување на фактичката состојба и околностите на настанот, како и евентуалната одговорност на инволвираните службеници. По завршување на проверките, ќе бидат преземени соодветни законски мерки, а јавноста навремено ќе биде информирана.