Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на маршот „Непокор.Борба.Иднина“ во Прилеп, по повод 85 години од народното востание и антифашистичката борба, порача дека денешната генерација има историска обврска да обезбеди иднина во која младите ќе останат во Македонија и тука ќе го градат својот живот.
„Пред 85 години нашите предци се бореа да имаме своја држава. Нашата генерација мора да се избори децата да останат да живеат тука, дома. Тоа е нашата историска задача“, изјави Филипче.
Тој предупреди дека празните училишни клупи и намалувањето на бројот на првачиња се сериозен сигнал за иднината на државата. „Денес најтажната слика се празните училишни клупи. Околу 3.000 првачиња помалку оваа година е аларм што мора сите да го слушнеме. Држава без млади луѓе нема иднина. Ние не смееме да се помириме со тоа и нема да се помириме“, нагласи претседателот на СДСМ.
Филипче истакна дека иселувањето не смее да стане нормалност и дека секој млад човек треба да има перспектива во сопствената татковина. „Не прифаќаме иселувањето да биде нормално, затоа што изолацијата не е опција. Не прифаќаме во 21. век да нема чиста вода за пиење. Не прифаќаме власта да нема одговори и никој да нема одговорност. Најмногу од сè, не прифаќаме една цела генерација да поверува дека за неа нема место во сопствената татковина. Патриотизам е како луѓето живеат денес и што ќе им оставиме на децата утре. Тоа е мерката за успешна политика.“
Обраќајќи им се директно на младите, тој рече дека нивната генерација води битка за иднината. „Тие што имаат 18, 20, 25 години денес имаат друга битка – битка за иднината. Ние сме тука да ја водиме за вас и со вас. Нашата следна голема национална задача е заедничка – европска иднина и европски можности за секое младо момче и секоја девојка тука, во Македонија“, порача Филипче.