Отпадот од Куманово од вечерва привремено ќе се транспортира и депонира во депонијата „Дрисла“ во Скопје, соопштија од ЈП „Чистота и зеленило“ и градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
Оваа одлука доаѓа како преодно решение за надминување на кризата со собирањето и одлагањето на сметот во Куманово, предизвикана од блокадата на локалната депонија „Краста“.
Градоначалникот Димитриевски упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, како и до менаџментот на „Дрисла“ за брзата поддршка.
„Продолжуваме интензивно со санација на депонијата ‘Краста’ и целосно надминување на проблемот. Во мое лично име и во име на менаџерскиот тим на ЈП ‘Чистота и зеленило’ им се извинувам на кумановци кои поради блокадата се соочуваат со овој сериозен проблем“, порача Димитриевски преку својот профил на Фејсбук.
Тој увери дека надлежните служби работат на терен за состојбата со отпадот во градот да се нормализира во најкраток можен рок.