До Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во првите девет месеци од годинава пристигнале 318 нови претставки, од кои околу 30 проценти се однесуваат на дискриминација на работното место. Особено загрижувачки се случаите во кои бремените жени остануваат без работа откако ќе го известат работодавачот за бременоста, предупредува претседателот на Комисијата, Душан Томчиќ.
Во гостување во Дневникот на Македонската радио-телевизија (МРТ), Томчиќ посочи дека до 30 септември 2026 година биле поднесени 318 претставки, наспроти околу 550 во текот на целата мината година. Од нив, 287 се поднесени од физички лица, 29 од правни лица, а две се анонимни. Комисијата отворила и седум постапки по службена должност.
Според Томчиќ, во последните две години се забележува значителен број случаи во кои работодавачите ги прекинуваат договорите на определено време на работнички откако ќе дознаат дека се бремени.
„Кога жената пред да истече договорот ќе соопшти дека е бремена, веднаш стапува на сила прекинување на договорот“, изјави Томчиќ, додавајќи дека „на нејзиното место веднаш се запослува друго лице на истото работно место“.
Тој предупреди дека договорите на определено време се злоупотребуваат, поради што Комисијата уште во март годинава доставила општа препорака до Владата и Собранието за измени на Законот за работните односи.
Со предложените измени се бара вработувањето на определено време да биде исклучок, а не правило. Комисијата предлага и работодавачите да имаат обврска писмено да ги известуваат работниците пред истекот на договорот, како и да се обезбедат посилни законски гаранции за враќање на работничките на истото или на соодветно работно место по породилното отсуство.
Сексуално вознемирување во образованието, но само две пријави
Покрај дискриминацијата на работното место, Комисијата предупредува и на недоволното пријавување сексуално вознемирување во образовните институции.
Истражување спроведено во 26 основни и средни училишта, во 19 општини од сите осум плански региони, во кое учествувале 1.057 вработени, покажало дека 5,5 проценти од испитаниците доживеале навредливи сексуални приказни или шеги.
Истражувањето регистрирало и посериозни форми на сексуално вознемирување, вклучително и несакани допири, уцени поврзани со професионално напредување и закани за одмазда.
И покрај ваквите наоди, до Комисијата досега биле доставени само две пријави за сексуално вознемирување во образованието.
„Кај нас е непознавање прво на материјата и второ недоволна свест да се препознава сексуалното вознемирување“, изјави Томчиќ.
Поради тоа, Комисијата за 2027 година планира две информативни кампањи. Првата ќе биде насочена кон препознавање на различните облици на сексуално вознемирување, додека втората ќе ги информира граѓаните каде и како можат да ги пријават ваквите случаи.
Томчиќ објасни дека кога постојат доволно основи тврдењето за дискриминација да се смета за веројатно, Комисијата бара изјаснување од лицето или институцијата против која е поднесена претставката.
Како пример наведе случај во училиште, каде што по реакција на Комисијата, лице кое сексуално вознемирувало вработена било отстрането од работното место, а му била изречена и забрана за приближување.
Претседателот на КСЗД го претстави и новиот електронски ресурсен центар, преку кој јавноста ќе има пристап до анализи, извештаи и документи изработени од Комисијата и граѓанските организации.
Целта на платформата е граѓаните полесно да се информираат за своите права, да ги препознаваат различните облици на дискриминација и да ги користат достапните механизми за заштита.