Македонија

Од 15 ноември почнува обврската за зимска опрема – казната е 45 евра

Од 15 ноември почнува обврската за зимска опрема – казната е 45 евра

Возачите треба навреме да ги подготват автомобилите за зимските услови, бидејќи од 15 ноември 2026 година почнува законската обврска за задолжително поседување зимска опрема. За непочитување на правилата е предвидена глоба од 45 евра во денарска противвредност, а може да бидат регистрирани и 25 негативни бодови.

Обврската се однесува на моторните возила и мобилните машини, а видот на потребната опрема зависи од масата на возилото и од тоа дали има погон на сите четири тркала.

За моторните возила со најголема дозволена маса до 3.500 килограми, задолжителни се зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од четири милиметри. Како алтернатива, дозволено е користење летни пневматици со иста минимална длабочина на шарата, доколку возилото поседува и синџири за снег соодветни на големината на погонските тркала.

Кај возилата со погон на сите четири тркала (4х4), зимските пневматици треба да бидат поставени на сите тркала и да имаат шара длабока најмалку шест милиметри. Доколку се користат летни пневматици со шара од најмалку четири милиметри, потребни се и синџири за снег – најмалку за задната осовина кај возилата со постојан погон на сите тркала, односно за погонските тркала кај возилата со преклопив погон.

За возилата со најголема дозволена маса над 3.500 килограми, правилата предвидуваат зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри. Доколку имаат летни пневматици со шара од најмалку четири милиметри, мора да поседуваат и соодветни синџири за снег.

Автобусите и товарните возила кај кои конструкцијата не дозволува поставување синџири на тркалата задолжително треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни