На Артан Груби, обвинет во случајот „Државна лотарија“, денеска на полноќ му истекува куќниот притвор. Скопскиот кривичен суд сè уште нема одлука дали ќе му биде вратен пасошот по понудената гаранција.
Со истекот на мерката куќен притвор, Груби „ќе може да се брани од слобода“. Тој е дел од групата обвинети во случајот „Државна лотарија“, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувањата.
Според обвинението, поранешниот вицепремиер како претседавач со владина седница дал согласност да се набават спорните видео-лотариски терминали, со кои Лотарија можела да приредува игри на среќа. Обвинителството, пак, тврди дека „ваков вид на игри на среќа лотарија не смеела да ги организира и да ги приредува“. Според проценката на Јавното обвинителство, „државната каса била оштетена со 9,7 милиони евра“.
Во однос на мерките за обезбедување присуство, Груби тврди дека нема да бега и дека тоа, како што беше кажано, „ќе го покаже гаранцијата којашто ја понудил“. Станува збор за гаранција од нешто повеќе од 335 илјади евра или, како што рече неговиот бранител „три стана“ со кои ќе бараат да му биде вратен пасошот.
До крајот на денот се очекува судот да се произнесе по барањето.