Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев смета дека македонските власти немаат основа да се жалат пред европските институции за случајот со Ива Михаилова, која и покрај судската забрана ја напуштила Македонија и заминала во Бугарија. Тој тврди дека бугарските институции не направиле ништо спорно и дека случајот треба да се третира како хуманитарно прашање.
Ковачев, кој е член на бугарската партија ГЕРБ, ова го изјави во гостување на Бугарската национална телевизија (БНТ), додавајќи дека за ситуацијата лично ја информирал претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Токму сега, на состанокот на ЕПП што започнува во Италија, ја информирав претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за ситуацијата и сметам дека Скопје нема причина да се жали на Бугарија. Што точно направила Бугарија што е проблематично? Апсолутно ништо“, изјави Ковачев.
Според него, здравствената состојба на Михаилова бара итно внимание, поради што случајот треба да се разгледува од хуманитарен аспект, со акцент на нејзиното право на соодветна медицинска нега.
Изјавата на бугарскиот европратеник следува откако македонското Министерство за надворешни работи најави дека за заминувањето на Михаилова од земјава, и покрај судската забрана, ќе ги информира Европската Унија и Советот на Европа.
Од Министерството оценија дека постапувањето на бугарските институции во овој случај ги поткопува напорите за градење доверба и е спротивно на заложбите за развој на добрососедските односи.