Македонија

Продолжи судењето на 13 полицајци за трагедијата во „Пулс“ – пожарникар сведочи дека полицијата го расчистила пристапот до дискотеката

Продолжи судењето на 13 полицајци за трагедијата во „Пулс“ – пожарникар сведочи дека полицијата го расчистила пристапот до дискотеката

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето против 13 полициски службеници од Кочани и Штип, обвинети во случајот поврзан со трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Според обвинителството, полициските службеници кои критичната вечер биле присутни во дискотеката не постапиле во согласност со предвидените акциски протоколи и не го спречиле користењето пиротехнички средства.

На денешното рочиште продолжи сослушувањето на сведоците предложени од одбраната, а предвидено е искази да дадат двајца сведоци.

Првиот сведок, вработен во Територијалната противпожарна единица во Кочани, сведочеше за интервенцијата во ноќта кога избувнал пожарот.

Тој изјавил дека критичната ноќ бил дежурен и дека дојавата за пожарот пристигнала во 2:35 часот. Според неговото сведочење, поради слабата фреквенција на сообраќај во раните утрински часови, пожарникарите успеале да пристигнат до дискотеката за нешто помалку од пет минути.

Особено внимание во неговиот исказ привлече тврдењето дека полициските службеници веќе го обезбедиле пристапот до објектот кога пристигнала противпожарната екипа.

Според сведокот, полицајците претходно ја расчистиле улицата и ослободиле простор на паркингот, овозможувајќи противпожарното возило да се позиционира и пожарникарите непречено да интервенираат.

Судскиот процес продолжува со изведување докази и сослушување сведоци на одбраната, кои треба да ги расветлат околностите поврзани со постапувањето на полициските службеници за време на трагичниот настан.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни