Македонија

Греењето во Скопје почна два дена порано – дел од граѓаните со топли радијатори, други и натаму без парно

Греењето во Скопје почна два дена порано – дел од граѓаните со топли радијатори, други и натаму без парно

Грејната сезона во Скопје започна два дена пред официјалниот датум, откако ниските температури ги исполнија условите за предвремено активирање на системот за централно греење. Дел од скопјани уште во раните утрински часови почувствувале топли радијатори, додека други велат дека греењето траело кратко или воопшто не било вклучено.

Од ЕСМ информираат дека системот е ставен во функција поради падот на надворешните температури, но нагласуваат дека во преодниот период испораката на топлинска енергија ќе се приспособува според временските услови.

Тоа значи дека радијаторите нема постојано да бидат подеднакво топли. Кога надворешната температура ќе ги достигне пропишаните гранични вредности, испораката на топлинска енергија ќе се прекинува, а со повторното заладување системот автоматски ќе се активира.

Ваквиот режим на работа се очекува да продолжи во текот на октомври и на почетокот на ноември, кога температурните разлики меѓу утринските, дневните и вечерните часови се поизразени.

Сепак, искуствата на граѓаните се различни. Дел од жителите на скопската населба Аеродром велат дека парното било вклучено околу шест часот наутро, но по кратко време повторно било исклучено.

„Шест саат пуштија, па после седум и пол го исклучија. Еден саат, еден саат и го нема“, вели една жителка пред камерата на МРТ.

Други граѓани се задоволни од предвременото започнување на грејната сезона, додека дел тврдат дека во нивните домови сè уште нема греење.

Некои скопјани и понатаму користат алтернативни начини на затоплување. Дел од нив се греат со климатизери, сметајќи дека тоа е поекономично решение, додека други со години се исклучени од системот за централно греење.

Од ЕСМ апелираат граѓаните да ја проверат исправноста на радијаторите и внатрешните инсталации. Доколку забележат протекување или друг дефект, потребно е навремено да го пријават проблемот за да се овозможи непречена испорака на топлинска енергија.

Засега нема информации за поголеми проблеми во функционирањето на системот, иако се можни поединечни потешкотии во одредени станбени објекти.

Во меѓувреме, се очекуваат и информации од Регулаторната комисија за енергетика во врска со можни промени на цената на топлинската енергија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни