Македонија

Се утврдува како Ива Михајлова избегала во Бугарија, последен пат била видена на 10 октомври

Се утврдува како Ива Михајлова избегала во Бугарија, последен пат била видена на 10 октомври

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека Ива Михајлова нелегално ја напуштила Македонија и влегла во Бугарија, а истрагата треба да утврди на кој начин ја преминала државната граница. Според него, Михајлова последен пат била забележана на територијата на Македонија на 10 октомври вечерта.

Тошковски во интервју за емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител посочи дека се преземаат мерки за нејзино пронаоѓање и постапување по случајот, откако Основниот суд во Кочани ѝ одреди 30-дневен притвор.

„Согласно информациите кои ги имам, меѓународна потерница ќе биде распишана денес, а Јавното обвинителство побара определување мерка притвор. Доколку судот донесе таква одлука, веднаш Министерството ќе ја процесуира преку каналите што ги имаме за меѓународна соработка“, изјави Тошковски.

Тој изрази очекување Бугарија да ги почитува меѓународните правила и обврски и да соработува со македонските институции.

„Бугарија треба да го покаже тоа со дела, а не само со декларативни изјави“, рече министерот, додавајќи дека одредени вредности и правила треба подеднакво да се почитуваат во двете земји.

Истрагата треба да утврди како ја преминала границата

Според Тошковски, во евиденцијата на македонската гранична контрола нема податок дека Михајлова легално ја напуштила државата, а, како што рече, ниту бугарската гранична полиција евидентирала нејзин легален влез во текот на 2025 година.

„Факт е дека лицето нелегално излегло од Македонија и нелегално влегло во Бугарија, особено дека нелегално излегло од Македонија“, изјави Тошковски, посочувајќи дека истрагата треба да даде одговори за начинот на кој таа ја напуштила земјата.

Министерот ги отфрли и тврдењата дека Михајлова легално ја преминала границата во присуство на нејзиниот адвокат од Бугарија. Според него, последниот евидентиран легален влез и излез на адвокатот во Македонија бил минатиот месец, додека МВР, како што рече, располага со материјални докази дека Михајлова на 10 октомври вечерта била на македонска територија.

Претходно, македонското Министерство за внатрешни работи соопшти дека преку заедничкиот контакт-центар со Бугарија биле извршени проверки и дека бугарската гранична полиција информирала оти нема евидентиран легален влез на Михајлова на бугарска територија.

Тошковски: Случајот отвора прашања за правдата и медицинскиот третман

Осврнувајќи се на случајот, Тошковски рече дека треба да се разгледаат и прашањата за правото на медицински третман, заштитата на животот и правото на правда за семејството на лицето кое го загубило животот во сообраќајната несреќа.

Михајлова е обвинета во судска постапка во Македонија за сообраќајна несреќа со смртни последици. За неа претходно биле определени мерки на претпазливост, меѓу кои и одземање на патните документи.

Тошковски ја критикуваше поддршката што, според него, Михајлова ја добила од бугарски официјални претставници, оценувајќи дека случајот не треба да се третира исклучиво како прашање на хуманитарен третман, туку и низ призмата на кривичната постапка и правата на семејството на загинатиот.

Тој потсети дека има и други лица кои пребегнале во Бугарија, вклучително и лица со правосилни судски пресуди.

Според објавите на бугарските медиуми, Михајлова се наоѓа во Софија. Нејзиното пронаоѓање и евентуалното постапување по барањето на македонските институции зависат од понатамошните активности на надлежните органи и меѓународната правна соработка.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Марина Малиш Саздовска 13.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни