Спасувањето на заглавените лица во дискотеката „Пулс“ во Кочани било исклучително тешко поради големиот број луѓе натрупани на влезот, сведочеше денеска пред судот пожарникарот Благојчо Паунов. Според неговиот исказ, во некои случаи биле потребни најмалку двајца, а понекогаш и тројца луѓе за да извлечат едно лице.
Паунов бил дежурен во Територијалната противпожарна единица во Кочани ноќта кога се случи трагичниот пожар. Тој сведочеше на судењето на 13 полициски службеници обвинети за непостапување во согласност со акцискиот план во дискотеката „Пулс“.
Според неговиот исказ, дојавата за пожарот била примена во 2:35 часот од дежурниот на врски, по што првото противпожарно возило пристигнало пред објектот за речиси пет минути.
При пристигнувањето, просторот околу дискотеката веќе бил исполнет со повредени и паднати лица. На местото имало и цивили и полициски службеници, а возилото можело да се доближи само до местата каде што имало луѓе.
Кога пожарникарите се упатиле кон влезот, присутните ги насочувале токму таму поради големиот број заглавени лица.
„Влезната врата беше пренатрупана од заглавени лица до висина на мојата глава. Во тој момент излегуваше само малку чад од вратата, а немаше видлив пламен“, појасни Паунов.
Тој веднаш започнал со извлекување на луѓето заедно со свој колега, но уште при првиот обид станало јасно дека процесот ќе биде бавен и тежок.
„Многу тешко беше едно лице само да извлече друг човек. Во таква ситуација тежината е огромна и најчесто беа потребни минимум двајца, а понекогаш и тројца луѓе за да се извлече едно лице“, сведочеше пожарникарот.
Поради тешкотиите, Паунов побарал помош од полициските службеници и присутните цивили. Посебно го повикал полицискиот службеник Драган Петрушев, познат како Казак, да собере што повеќе полицајци кои би се вклучиле во спасувањето.
Помош била побарана и од обезбедувањето на дискотеката, чии припадници, според сведокот, веќе биле исцрпени од претходните обиди за извлекување на луѓето.
По формирањето мешани тимови од пожарникари, полицајци, обезбедување и цивили, започнало организирано извлекување на заглавените лица.
„Од тој момент извлекувавме заедно. Некогаш со полицаец, некогаш со обезбедување, некогаш со цивилно лице. Секое извлекување беше поинакво“, рече Паунов.
Во најдолниот ред од насобраните луѓе, спасувачите забележале две девојчиња кои биле свесни и барале помош. За да ги извлечат, пожарникарите морале да клекнат и да пристапат одоздола, додека другите тимови продолжувале да ги извлекуваат луѓето над нив.
Секое спасено лице веднаш било носено до паркингот, каде што веќе имало медицински екипи и претставници на Црвениот крст.
Откако бил расчистен поголем дел од влезот, пожарникарските екипи започнале да навлегуваат во објектот со водни линии за гасење на пожарот. Во меѓувреме, добиле информации дека заглавени лица има и во просторијата означена како билетарница, од десната страна на дискотеката.
При влегувањето таму, Паунов затекнал десетина лица во бесвест, како и други лица кои биле свесни и барале помош од делот што водел кон главниот простор на дискотеката.
Сведокот повторно излегол надвор за да побара дополнителна помош од полицијата и цивилите. Потоа заеднички продолжиле со извлекување на луѓето од задните простории, а подоцна и од просторот кај влезот.
Во сведочењето Паунов нагласи дека од самиот почеток приоритет на пожарникарите било спасувањето на човечките животи, а не гасењето на огнот.