Вработен во Министерството за внатрешни работи (МВР) заработи кривична пријава откако, според сомневањата на внатрешната контрола, фалсификувал две потврди за дарување крв и на тој начин искористил вкупно шест работни дена платено отсуство, иако воопшто не бил крводарител во наведените термини.
Станува збор за лицето А.А., вработено во Одделот за заштита на определени личности и објекти при МВР, против кое е поднесена кривична пријава за „фалсификување исправа“ по член 378 од Кривичниот законик.
Според информациите од МВР, пријавениот на 3 март и 9 јули 2026 година не дарувал крв во Институтот за трансфузиона медицина при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, но сепак изготвил и употребил две лажни потврди за крводарување.
Врз основа на овие документи поднел две барања за платено отсуство, кои ги искористил на 3, 4 и 5 март, како и на 9, 10 и 13 јули годинава.
Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, односно до Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
Покрај кривичната пријава, Одделот за внатрешна контрола најави и поднесување предлог за поведување дисциплинска постапка против вработениот поради кршење на работниот ред и дисциплина.