Македонија

Треновски за платата од 1.000 евра: Поважно е колку ќе можат граѓаните да купат отколку колку ќе изнесува платата

Треновски за платата од 1.000 евра: Поважно е колку ќе можат граѓаните да купат отколку колку ќе изнесува платата

Порастот на просечната плата во Македонија не значи автоматски и подобрување на животниот стандард, особено доколку истовремено продолжат да растат цените на производите и услугите.

Ова го порача универзитетскиот професор Борче Треновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, коментирајќи ја најавата на премиерот Христијан Мицкоски за просечна плата од 1.000 евра до 2028 година.

„Важно ми е колкава ќе биде реалната плата и каков ќе биде стандардот на граѓаните. Дали ќе бидат задоволни и дали ќе можат да ги платат сите свои услуги и потреби во текот на месецот“, истакна Треновски.

Според него, растот на платите треба да се анализира паралелно со движењето на цените, бидејќи номинално повисоките примања не гарантираат подобра куповна моќ.

Професорот посочи дека и кога инфлацијата се намалува, нејзините ефекти остануваат, бидејќи цените кумулативно растеле во претходните години.

„Ако ги зголемите платите, но за ист процент се зголемат и цените, вашиот стандард останува ист“, објасни Треновски.

Тој очекува дека во следниот период платите ќе продолжат да растат, меѓу другото и поради недостигот од квалификувани работници во одредени сектори, иселувањето и потребата од повисока продуктивност.

Сепак, професорот не сакаше да прогнозира дали просечната плата точно ќе достигне 1.000 евра.

„Би бил среќен да биде и повеќе. Не сакам да шпекулирам со номинални бројки. По природен пат, во следниот период платите би растеле“, рече тој.

Треновски нагласи дека долгорочно одржлив раст на платите е можен преку поголема продуктивност, технолошки развој и подобри услови за работа на компаниите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни