Значително намалување на цените на становите во Скопје не треба да се очекува во блискиот период, иако веќе се забележуваат знаци на забавување на растот на пазарот на недвижности.
Ова го оцени универзитетскиот професор Борче Треновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, анализирајќи ги причините поради кои купувањето сопствен дом станува сè понедостапно, особено за младите семејства.
„Не очекувам значително намалување на цените. Меѓутоа, можна е блага стагнација на цените или тие да останат на сегашното ниво“, истакна Треновски.
Според него, во одредени делови од Скопје цените веќе достигнале ниво на кое побарувачката почнува да забавува.
„Голем дел од становите достигнаа цена за која гледам дека не може да оди понатаму. Тие почнуваат или да се продаваат или сопствениците да чекаат“, рече професорот.
Тој објасни дека врз цените влијаат повеќе фактори: трошоците за градба, побарувачката од дијаспората, купувањето недвижности како инвестиција и стравот на граѓаните од понатамошно поскапување.
Треновски го посочи и проблемот со достапноста на становите за младите.
Според пресметките што ги спомена, на семејство со приходи близу просекот може да му бидат потребни повеќе од 20 години издвојување значителен дел од заработката за да обезбеди сопствен дом.
„Една третина од заработката на едно семејство треба да оди за да се обезбеди дом. Тоа е многу значителен износ, а кога ќе дојдат децата, имате и други трошоци“, нагласи Треновски.
Како можни решенија ги посочи даночните олеснувања, поддршката за станбени кредити, нови станбени проекти и мерки што би ги поттикнале сопствениците на неискористени станови да ги издаваат или продаваат.
Според него, достапното домување е едно од клучните прашања за задржување на младите во Македонија.