Македонија

Треновски: Иселувањето на младите е најскапиот извоз на Македонија – губиме стотици милиони евра

Треновски: Иселувањето на младите е најскапиот извоз на Македонија – губиме стотици милиони евра

Иселувањето на младите претставува една од најголемите економски загуби за Македонија, бидејќи државата не губи само население, туку и огромни средства вложени во образованието, идни даночни приходи и потенцијална економска активност.

Ова го истакна универзитетскиот професор Борче Треновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

„Иселувањето на младите е едно од клучните прашања за кои треба да дискутираме во нашата земја. Тоа е извоз кој најскапо ја чини нашата земја“, истакна Треновски.

Според него, економската цена на заминувањето на еден млад човек се состои од три компоненти: вложувањата во неговото образование, изгубените даноци и придонеси и додадената вредност што тој човек би можел да ја создаде доколку остане во Македонија.

„Прво е образованието што е вложено во тој човек. Вложувате во основно и средно образование, во градинка, го образувате и го создавате. Втората работа е што тој нема да плаќа даноци и придонеси во нашата земја. Третата и најболна работа е што нема да создава додадена вредност тука“, објасни професорот.

Треновски наведе дека според неговите пресметки, изгубената додадена вредност од иселувањето на една генерација може да достигне од приближно 470 до 600 милиони евра, во зависност од бројот и квалификациите на иселените.

Според него, државата мора првенствено да се насочи кон создавање услови младите да останат, наместо само кон политики за враќање на оние што веќе се иселиле.

„Ако имаат работа, ако имаат дом, ако имаат пристојна плата, ако можат да формираат семејство и да ги запишат децата во градинка и училиште, тие ќе останат во нашата земја“, порача Треновски.

Тој нагласи дека се потребни подобри јавни услуги, функционални институции, поквалитетно образование и можности за професионален напредок.

Дополнително, според професорот, Македонија треба да ја зајакне соработката со дијаспората, со цел да го искористи нејзиниот капитал, знаење и професионално искуство.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни