Македонија

Треновски за укинувањето на празниците: Не е важно колку часови работиме, туку колку создаваме

Треновски за укинувањето на празниците: Не е важно колку часови работиме, туку колку создаваме

Намалувањето на бројот на неработни денови не треба да биде главниот приоритет за подобрување на продуктивноста на македонската економија. Многу поважно е компаниите да добијат подобри услови за работа, функционални институции и квалификувана работна сила.

Ова е ставот на универзитетскиот професор Борче Треновски, кој во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ ја коментираше иницијативата за преиспитување на бројот на празници и неработни денови во Македонија.

„Продуктивноста е колку ќе создадете во еден час, колкав е резултатот од работата во еден час. Не е прашањето колку денови или часови ќе работите“, истакна Треновски.

Според него, во светот веќе се водат дискусии за скратување на работното време, додека македонската дебата се насочува кон зголемување на бројот на работни денови.

„Глобалните дискусии се дали треба четиридневна работна недела, дали треба да се воведе шестчасовен работен ден. Со новите технологии и капитални вложувања се размислува како да се зголеми продуктивноста, а да се намали времето поминато на работа“, објасни професорот.

Треновски смета дека компаниите во Македонија имаат многу посериозни проблеми од бројот на празници.

Меѓу нив ги издвои неефикасната администрација, правната неизвесност, недостигот од квалификувани кадри, образованието, финансирањето и можностите за настап на странските пазари.

„Според мене, многу поважно е да влијаеме на бизнис-околината и на она што им е потребно на бизнисите за да го зголемат производството и продуктивноста“, посочи Треновски.

Според него, долгорочната цел треба да биде економија во која работниците ќе создаваат поголема вредност за пократко време, ќе добиваат подобри плати и ќе имаат поквалитетен баланс меѓу работата и приватниот живот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни