Македонија не издвојува доволно средства за одржување на постојната инфраструктура, што претставува сериозен проблем за економијата и за квалитетот на јавните услуги што ги користат граѓаните.
На ова предупреди универзитетскиот професор Борче Треновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, нагласувајќи дека државата не треба да се фокусира само на изградбата на нови објекти, туку и на зачувување на веќе изграденото.
„Расходите за одржување во нашата земја се трипати помали од оние во Европската Унија. Што значи одржување? Тоа е целата постојна инфраструктура, од патиштата, болниците, железничката инфраструктура и така натаму“, истакна Треновски.
Според професорот, недоволното одржување на инфраструктурата создава дополнителни трошоци и ја намалува ефикасноста на јавните услуги.
Тој посочи дека проблемот не се однесува само на видливите објекти, туку и на подземната инфраструктура, водоводните мрежи и електричните инсталации.
„Не е само да градиме ново. Мораме да ја одржуваме и старата инфраструктура“, предупреди професорот.
Треновски нагласи дека капиталните инвестиции се само еден дел од јавните расходи поврзани со инфраструктурата. Средствата за редовно одржување, иако буџетски често се водат како тековни расходи, се подеднакво значајни за нејзиното функционирање.
Според него, ако државата постојано гради нови објекти, а не се грижи соодветно за постојните, ќе се соочи со дополнителни финансиски оптоварувања во иднина.
Професорот порача дека покрај изградбата на нови патишта, болници и јавни објекти, мора да постои јасен план и за нивното долгорочно одржување.
Само така, според Треновски, граѓаните ќе добијат подобри и поодржливи јавни услуги.