Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека „паднаа во вода“ тврдењата оти бегството на Ива Михајлова било договорено со власта. Тој најави дека по завршувањето на истрагата за начинот на кој ја напуштила земјава, дел од доказите најпрво ќе им бидат презентирани на партнерите во НАТО.
Мицкоски порача дека Михајлова и нејзиниот татко, по кои, според неговите изјави, се распишани меѓународни потерници, треба да се соочат со правдата пред македонските институции. Двајцата, покрај македонско, имаат и бугарско државјанство.
„Имавме ние барање, потерница и очекуваме едниот кој што е правосилно осуден, тоа е родителот на Ива, да биде вратен, а Ива да дојде и да ја докажува својата невиност пред судовите во Македонија“, изјави премиерот.
Тој оцени дека постапувањето во случајот ѝ нанело дипломатска штета на бугарската влада.
„Овој неуспешен обид нанесе голема штета, дипломатска штета на владата во официјална Софија, но тоа е нивен проблем, а наш проблем е бегалецот од правдата и бегалката да ги изведеме пред лицето на правдата“, рече Мицкоски.
Премиерот побара да се остави простор истрагата да заврши, по што најави презентирање дел од собраните докази пред сојузниците.
„Дозволете да ја завршиме истрагата, а потоа дел од тие докази кои што ќе ги имаме во истрагата ќе ги прво презентираме пред нашите партнери во НАТО“, изјави тој.
И покрај новите тензии меѓу Скопје и Софија, Мицкоски порача дека земјава ќе остане посветена на евроинтеграциите и ќе продолжи да бара разговори за надминување на отворените прашања.
„Ние ќе продолжиме со она што е наш интерес, а тоа е процесот на евроинтеграции и нема да ги напуштиме преговорите. Напротив, ќе ги засилиме нашите барања за средби, за дијалог и барање решенија“, рече премиерот.
Опозицијата, пак, останува на тврдењето дека бегството на Михајлова било договорено и бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.