Македонија

Знаеме ли што јадеме? Над 200 тони небезбедна храна уништена или вратена за осум месеци

Знаеме ли што јадеме? Над 200 тони небезбедна храна уништена или вратена за осум месеци

За само осум месеци од македонскиот пазар и од граничните премини се отстранети над 200 тони храна што не ги исполнувала безбедносните стандарди. Според податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од јануари до август биле спроведени речиси 75.000 инспекциски надзори, соопшти директорот Оливер Миланов по повод Светскиот ден на храната.

Во овој период, инспекторите уништиле речиси 70 тони небезбедна храна во домашниот промет, забраниле увоз на 21 тон производи од неживотинско потекло и вратиле над 122 тони производи од животинско потекло во земјите каде што се произведени.

Најкритични случаи и контроли на терен:

  • Афлатоксин во млеко: Меѓу Поголемите интервенции е спречувањето увоз на 27,5 тони УХТ-млеко од Косово, во кое бил откриен афлатоксин над дозволеното ниво. Млекото наместо во маркетите завршило на депонијата „Дрисла“.
  • Нелегален пазар: На пазарот во скопската населба Ченто беа запленети и уништени околу два тона храна што се продавала во несоодветни хигиенски услови.
  • Продавници за здрава храна: Во акција за контрола беа уништени над еден тон производи, а дури 14 оператори работеле без воопшто да бидат регистрирани.

Дополнително, граѓаните и бизнисите ја зголемуваат свесноста — во првите осум месеци се поднесени над 1.000 иницијативи за инспекциски надзор. Од АХВ порачуваат дека целта не е само санкционирање, туку превенција и соработка за да се гарантира безбедноста на храната на трпезата кај граѓаните.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни