Европската инвестициска банка (ЕИБ) подготвува ново финансирање за малите и средните претпријатија во Македонија, со цел да им помогне да ги намалат трошоците за енергија, да ја зголемат конкурентноста и полесно да се вклучат во европските синџири на снабдување. Истовремено, Коридорот 8 останува еден од главните инфраструктурни приоритети на банката, која е подготвена да обезбеди кредити и техничка поддршка за железничкото поврзување со Бугарија и Албанија.
Ова во интервју за Македонската радио-телевизија (МРТ) го изјави потпретседателот на Европската инвестициска банка, Роберт де Грот, кој престојуваше во Скопје и оствари средби со владиниот врв.
ЕИБ досега инвестирала околу 1,6 милијарди евра во земјава, а според Де Грот, во наредниот период фокусот ќе биде ставен на инфраструктурата, енергетиката, водоснабдувањето, третманот на отпадните води и поддршката на приватниот сектор.
Се подготвува нов кредит за македонските компании
По кредитната линија од 100 милиони евра, реализирана преку Развојната банка, ЕИБ разгледува можност за ново задолжување наменето за поддршка на малите и средните претпријатија.
На прашањето дали новите кредити ќе бидат со поповолни каматни стапки од комерцијалните банки, Де Грот посочи дека ЕИБ, како банка со највисок кредитен рејтинг ААА, може да понуди атрактивни услови, но не откри конкретни каматни стапки, износ или рок за новата кредитна линија.
„Како банка со кредитен рејтинг ААА, можеме да понудиме атрактивни каматни стапки. Но, тоа не е најважното за нас. Многу е важно да ги поддржиме малите и средните претпријатија во оваа земја за целосно да се интегрираат и да станат дел од синџирите на снабдување на пазарите во Европската унија. Тоа е една од причините поради кои сум денеска во Скопје – да разгледаме нов кредит“, изјави Де Грот.
Според него, македонските компании се соочуваат со тешкотии при пристапот до поволно кредитирање, иако им се неопходни значителни инвестиции во енергетската ефикасност, намалувањето на трошоците за енергија и подобрувањето на квалитетот на производите.
„Компаниите мора да инвестираат за да произведуваат со квалитет што ќе им овозможи да бидат конкурентни со производителите од регионот и од Европската унија“, нагласи тој.
Коридорот 8 е приоритет – ЕИБ подготвена да обезбеди финансиска поддршка
Потпретседателот на ЕИБ посочи дека изградбата на Коридорот 8 има големо економско, транспортно, но и безбедносно значење за Европа.
Тој ги поздрави напорите на македонската Влада за придвижување на проектот, како и потпишаните меморандуми за соработка со соседна Бугарија.
„Коридорот 8 е многу важен од повеќе причини. Не смееме да заборавиме дека денес и безбедносниот аспект во Европа е исклучително значаен. Сакам да ѝ оддадам признание на Владата на Северна Македонија за напорите Коридорот 8 да стане реалност и за тоа што го поставува како приоритет“, изјави Де Грот.
Европската инвестициска банка е подготвена да учествува во финансирањето преку комбинација од кредити, грантови од Европската комисија и техничка помош.
Поддршката би се однесувала на железничкото поврзување кон бугарската граница, но и на продолжувањето на коридорот кон Албанија.
„Можете да сметате на Европската инвестициска банка дека ќе работи на обезбедување на кредитите и финансирањето за овој проект да стане реалност. Од моја перспектива, Коридорот 8 е вистинскиот приоритет“, порача Де Грот.
Тој истакна дека за успешна реализација не е доволна само изградбата на железничката инфраструктура, туку е неопходно и технолошко поврзување на граничните премини за побрз транспорт на патници и стоки.
Според него, постои силна заложба од Владата проектот да напредува во следните неколку години, но навремената и квалитетна подготовка ќе биде пресудна за динамиката на изградбата.
Недостигот од подготвени проекти може да го забави користењето на европските средства
Говорејќи за Планот за раст на Западен Балкан, Де Грот нагласи дека еден од најголемите предизвици за користење на европските финансиски средства е административниот капацитет и подготовката на квалитетни инвестициски проекти.
Според него, државата мора да располага со доволно стручни кадри, инженери и експерти кои ќе можат да подготват проекти што ги исполнуваат условите за финансирање.
„Добрата подготовка на проектите е клучот за успешен резултат. ЕИБ не е само банка. Имаме голем број економисти, техничари и инженери кои можат да помогнат во подготовката на зрел и финансиски одржлив инвестициски проект“, рече Де Грот.
Де Грот за CBAM: Не треба да се гледа само како дополнителен товар за компаниите
Во интервјуто се разговараше и за европскиот механизам за јаглеродно прилагодување на границите – CBAM, кој носи нови обврски за дел од компаниите што извезуваат на европскиот пазар.
Де Грот смета дека новите еколошки стандарди не треба да се гледаат исклучиво како финансиски товар, туку и како можност за подобрување на конкурентноста.
„Не мислам дека ова треба да се смета само за товар. Постои и друга страна, која им овозможува на компаниите да достигнат повисоко ниво, полесно да извезуваат на европскиот пазар и подобро да се позиционираат во однос на конкуренцијата“, изјави тој.
ЕИБ, како што посочи, е подготвена преку кредитните линии со Развојната банка да ги поддржи компаниите во инвестициите за декарбонизација, енергетска ефикасност и подобрување на квалитетот на производството.
Во однос на националната зелена таксономија, која се развива во соработка со Народната банка, Де Грот објасни дека нејзината цел е воспоставување јасни и транспарентни критериуми за тоа кои инвестиции се сметаат за еколошки одржливи.
Иако ЕИБ потврдува интерес за нова финансиска поддршка на македонската економија, конкретниот износ, каматните стапки и роковите за новата кредитна линија засега не се соопштени.