По 21 година на чело на „Порше Македонија“ и вкупно 34 години професионална кариера поврзана со групацијата „Фолксваген“, Златко Муцунски објави дека се повлекува од компанијата. Во емотивна објава на социјалните мрежи, тој се осврна на долгогодишната кариера, постигнатите резултати и одлуката повеќе време да им посвети на себе и на најблиските.
„21 година. Повеќе од 50.000 автомобили. 34 години со групацијата ‘Фолксваген’. Цел живот исполнет со спомени“, напиша Муцунски.
Тој посочи дека еден од најемотивните моменти во неговата кариера бил прошталниот говор на меѓународниот менаџерски самит на „Порше Холдинг“, одржан во Задар, Хрватска.
„Некои моменти во животот е тешко да се опишат со зборови. Мојот проштален говор во Задар беше еден од нив“, напиша Муцунски, нагласувајќи дека изминатите две децении биле многу повеќе од професионална кариера.
Според него, во периодот додека бил на чело на „Порше Македонија“, компанијата ги остварила поставените цели и испорачала повеќе од 50.000 возила на македонскиот пазар.
„Заминувам од ‘Порше Холдинг’ со длабоко чувство на благодарност и задоволство, знаејќи дека ги постигнавме сите цели што си ги поставивме, испорачавме повеќе од 50.000 возила во Македонија и ги претставувавме нашите брендови на безброј настани низ светот“, наведува тој.
Муцунски истакна дека по 34 години работа во автомобилскиот сектор дошол моментот да сврти нова страница во животот.
„Чувствувам дека дојде време да отворам ново поглавје – да уживам во животот, да прифаќам нови искуства и, конечно, да посветам повеќе време на себе и на луѓето и работите што ми се најважни“, порача тој.
Особено задоволство, како што наведува, му претставува фактот што зад себе остава успешна компанија со силен и мотивиран тим, подготвен да продолжи со развојот и да постигнува нови резултати.
Тој им се заблагодари на колегите, соработниците и на раководството на „Порше Холдинг“ за довербата, поддршката и можностите што ги добил во текот на кариерата.
„Можеби затворам едно професионално поглавје, но пријателствата, искуствата и спомените ќе останат со мене засекогаш“, напиша Муцунски.
Својата емотивна објава ја заврши со пораката:
„Еднаш дел од семејството на Porsche, засекогаш дел од семејството на Porsche.“
Засега не е соопштено кој ќе го наследи Муцунски на директорската позиција во „Порше Македонија“.