Македонија

Цената на струјата по 1 јануари неизвесна

Цената на струјата по 1 јануари неизвесна

Владата се обидува да обезбеди цената на електричната енергија да остане непроменета до крајот на годинава, изјави премиерот Христијан Мицкоски. За периодот по 1 јануари, тој порача дека треба да се почекаат пресметките на енергетските компании и одлуката на Регулаторната комисија за енергетика.

„Се бориме цената на струјата да остане иста и да нема зголемување до крајот на годинава“, рече Мицкоски.

Според премиерот, пресметките веќе се подготвуваат, а од АД ЕСМ се очекува да бидат завршени до крајот на ноември. Тој оцени дека актуелните состојби на енергетските берзи го ограничуваат просторот за намалување на цената.

Мицкоски наведе дека електричната енергија на европските берзи деновиве надминала 200 евра за мегават-час, а природниот гас достигнал 86 евра за мегават-час.

За можната цена од почетокот на следната година не даде конкретна најава.

„Од први јануари да почекаме што ќе кажат енергетските компании, па ќе видиме“, изјави премиерот, додавајќи дека не може да ја прејудицира одлуката на Регулаторната комисија.

Во однос на долгорочната енергетска стабилност, Мицкоски се осврна на планираните гасни поврзувања со јужниот и северниот сосед. Според него, тие ќе создадат услови за инвестиции во електроцентрали на гас и за постепена замена на јагленот. За овие планови, како што посочи, ЕСМ веќе разговара со Светска банка.

Премиерот очекува едното поврзување да биде пуштено во употреба до крајот на првата половина од следната година, а другото да биде целосно функционално до крајот на 2028 година.

Тој оцени дека проектите ќе го зголемат геостратешкото значење на земјава и ќе отворат можности за инвеститори заинтересирани за производство на електрична енергија со користење природен гас.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни