Голем успех за спелеонуркачката експедиција „Врело 2026“ во кањонот Матка. Од Спелеонуркачкиот клуб „Врело“ соопштија дека експедицијата е успешно завршена и дека се поставени три нови светски рекорди во истражувањето на подводните пештери и длабинското нуркање.
Според информациите од клубот, постигнати се рекорди во три категории – најдлабока пештера истражена од човек, најдлабоко нуркање во пештера и длабинско нуркање во отворени води.
„Би сакале да ве известиме дека експедицијата заврши и имаме три нови светски рекорди“, соопштија од СНК „Врело“.
Точната достигната длабочина, имињата на нуркачите и деталите за историските постигнувања засега не се откриваат. Тие ќе бидат соопштени на прес-конференција закажана за утре, сабота, 17 октомври, во 9 часот, во базниот камп на Спелеонуркачкиот камп „Врело“ на Матка.
Експедицијата започна на 10 октомври со амбиција да се надмине претходно истражената длабочина од 287 метри, достигната во 2025 година, и да се истражи подводниот пештерски систем до 300 метри или повеќе.
Пештерата Врело е позната по својот исклучителен подводен систем и претставува една од најзначајните локации за спелеонуркачки истражувања во регионот.
Со најавените три рекорди, Матка повторно се најде во фокусот на меѓународната спелеонуркачка јавност. Деталите за постигнатите резултати и нивната официјална верификација се очекуваат по утрешната прес-конференција.