Живот

„Народот што ги чува корените знае каде припаѓа“: Делчевските средношколци учеа за зачувување на орото „Копачка“

„Народот што ги чува корените знае каде припаѓа“: Делчевските средношколци учеа за зачувување на орото „Копачка“

Со едукативна презентација во средното училиште „Методи Митевски – Брицо“ во Делчево денеска беше одбележан Меѓународниот ден на нематеријалното културно наследство. Настанот беше посветен на зачувувањето на автентичното пијанечко оро „Копачка“, кое е дел од Репрезентативната листа на УНЕСКО за светско нематеријално културно наследство.

Настанот, организиран во соработка со фолклорната ансамбл-група „Копачка“ од селото Драмче, имаше за цел да ја поттикне младата генерација активно да се вклучи во негувањето и пренесувањето на оваа единствена традиција.

Претседателката на групата, Перса Стојановска, ја истакна важноста од зачувување на орото и ги запозна младите со неговото културно значење, богата историја и автентичните чекори.

Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, порача дека традицијата не претставува само наследство од минатото, туку и завет за идните генерации.

„Народот што ги чува своите корени знае каде припаѓа, а народот што им ја пренесува традицијата на своите деца знае и каде оди“, истакна Гоцевски.

Во рамките на презентацијата беше претставена историјата на фолклорната група, основана уште во далечната 1948 година, како и нејзините континуирани активности за промоција на „Копачка“ – преку изработка на документарни филмови, издавање монографии и бројни меѓународни настапи.

Настанот заврши со силна порака до учениците и младите да станат дел од фолклорното семејство и со тоа да дадат свој придонес во зачувувањето на македонскиот културен идентитет.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни