Речиси секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија. Последните официјални податоци покажуваат дека 29,5 проценти од децата до 17-годишна возраст се изложени на ризик од сиромаштија, додека вкупната стапка во земјава изнесува 21,9 проценти. Зад статистиката стојат илјадници семејства за кои секој месец е нова борба за обезбедување храна, плаќање сметки и купување лекови.
За некого сиромаштијата е само бројка, а за други празен фрижидер и неизвесност дали парите ќе стигнат до крајот на месецот. Растечките трошоци за живот и недоволните примања ги принудуваат граѓаните секојдневно да пресметуваат кои потреби можат да ги задоволат, а кои ќе мора да почекаат.
„Има сè повеќе сиромашни, сите знаат“, вели еден од анкетираните граѓани.
Други сметаат дека проблемот дополнително го продлабочува несразмерот меѓу цените и платите.
„Економскиот развој споро се развива поради тоа што имаме голема инфлација. Цените во однос на примањата се далеку повисоки, инфлацијата расте, а платите сразмерно не се покачуваат“, посочува друг граѓанин.
Според последните дефинитивни податоци на Државниот завод за статистика, кои се однесуваат на 2024 година, стапката на сиромаштија изнесува 21,9 проценти. Особено загрижувачка е состојбата кај најмладите, каде што стапката достигнува 29,5 проценти.
Дополнително, Македонската платформа против сиромаштијата предупредува дека 38 проценти од децата се соочуваат со повеќедимензионална сиромаштија, што ги загрозува нивното здравје, образование, безбедност и развој.
Сиромаштијата не е проблем само во Македонија. Според проценките на Обединетите нации, во 2026 година околу 826 милиони луѓе во светот живеат во екстремна сиромаштија, со помалку од три долари дневно, пресметани според паритетот на куповната моќ. Околу 2,8 милијарди луѓе се соочуваат со несоодветни услови за домување, а 3,8 милијарди немаат пристап до социјална заштита.
По повод 17 Октомври, Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, Македонската платформа против сиромаштијата упати отворено писмо до Владата со барање за итни и долгорочни мерки.
Од Платформата бараат донесување сеопфатна национална стратегија против сиромаштијата, воведување универзален детски додаток, подобра социјална заштита и политики за достапно домување.
Граѓанските организации предупредуваат дека повремените мерки не се доволни за решавање на проблемот и дека е неопходна системска поддршка за најранливите категории.
„Намалувањето на сиромаштијата е политичка одлука“, порачуваат од Платформата, нагласувајќи дека сиромаштијата не смее да се третира како личен неуспех, туку како општествен проблем што бара конкретни решенија.
Додека институциите се повикуваат на статистичките показатели, за голем број семејства реалноста останува иста – секој нов ден започнува со пресметка дали ќе има доволно пари за најосновните животни потреби.