Риболовот покрај мало езерце во американската сојузна држава Флорида завршил трагично за 71-годишниот Стив Хамилтон, кој го загубил животот по напад од алигатор. Животното, долго речиси 3,6 метри, го повлекло мажот во водата, а неговото тело било пронајдено неколку часа подоцна.
Нападот се случил во Винтер Гарден, а надлежните служби биле алармирани околу 17:20 часот. Според локалната телевизија ВОФЛ, спасувачките екипи пристигнале на местото, но имале потешкотии да пристапат до водата поради присуството на други алигатори во близина.
Телото на Хамилтон било пронајдено во водата неколку часа по нападот. Алигаторот за кој се сомнева дека го усмртил рибарот подоцна бил усмртен, соопштил капетанот Мајкл Мејсон од полицијата во Винтер Гарден.
Мејсон изјавил дека надлежните во петокот не добиле пријава за присуство на алигатори во езерцето, кое е поврзано со езерото Апопка.
„Во него има многу алигатори. Не е невообичаено да се видат во овој дел од градот“, изјавил тој, повикувајќи ги граѓаните да бидат внимателни кога се движат во близина на водни површини.
Според полицискиот претставник, фактот што животното изгледа мирно не значи дека не претставува опасност за луѓето.
На Флорида има околу 1,3 милиони алигатори
Иако смртоносните напади од алигатори се ретки, на Флорида низ годините се регистрирани повеќе вакви случаи. Според податоците на Комисијата за заштита на рибите и дивиот свет на Флорида, од 1948 година се евидентирани најмалку 34 смртни случаи поврзани со напади од овие животни.
Се проценува дека во американската сојузна држава живеат околу 1,3 милиони алигатори, поради што надлежните редовно апелираат на претпазливост во близина на езерата, реките и другите водни површини.
Смртта на Хамилтон се случила помалку од четири месеци по друг смртоносен напад. Тогаш 31-годишната Британи Кларк загинала откако била нападната од алигатор додека пливала со партнерот во реката Еконлокачи, во округот Семинол. Животното, долго околу четири метри, било извлечено од реката и усмртено.