Македонија

Речиси 40 проценти излезност на изборите во Брвеница

Речиси 40 проценти излезност на изборите во Брвеница

Предвремените локални избори во Брвеница влегуваат во завршницата, а според последните податоци на Државната изборна комисија, до 17 часот на гласање излегле 6.392 избирачи. Излезноста изнесува 39,34 отсто од вкупно запишаните 16.256 граѓани.

ДИК најави дека следниот пресек на излезноста ќе го соопшти на прес-конференција во 18:30 часот, врз основа на податоците пристигнати до 18 часот.

Во текот на изборниот ден биле поднесени седум приговори за заштита на личното избирачко право. Два биле усвоени, по што на избирачите им била овозможена можност да гласаат, еден бил одбиен како неоснован, а четири останале во постапка на разгледување.

Во Брвеница се избира нов градоначалник на предвремени избори, распишани по смртта на досегашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни годинава.

За функцијата се кандидирани шест лица: Стојанчо Радически од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ, Јакуп Усеини од коалицијата ВРЕДИ, Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција (НАИ), како и независните кандидати Душан Богдановски и Арифе Идризи.

Во Избирачкиот список се запишани 16.256 граѓани од десетте населени места во општината. Од нив, 449 се на привремена работа во странство, а девет лица се евидентирани во затвор или притвор.

Во периодот до изборите, функцијата вршител на должност градоначалник ја извршуваше Роберт Милошески.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни