Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски вечерва прогласи победа на неговата партија во првиот круг од предвремените избори за градоначалник на Брвеница, истакнувајќи дека кандидатот Стојанчо Радичевски освоил повеќе од четирипати повеќе гласови од кандидатот на СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ е убедливо прва и има огромна победа во првиот круг на изборите за избор на градоначалник во општина Брвеница. Нашиот кандидат Стојанче Радичевски освои огромно мнозинство на гласови, а разликата во однос на нашите конкуренти од СДС е поголема од 4 спрема 1“, изјави Мицкоски.
Според партиските анализи што ги презентираше, Радичевски освоил околу 3.000 гласа, кандидатот на ДУИ нешто повеќе од 2.100, додека на третото место е кандидатот на ВЛЕН, а на четвртото кандидатот на СДСМ.
Мицкоски оцени дека резултатот претставува сериозен пораз за опозициската партија, потсетувајќи дека на повторените избори во Маврово и Ростуше ВМРО-ДПМНЕ победила со разлика поголема од два спрема еден.
„Иако само пред неколку дена раководството на СДС најавуваше убедлива победа во Брвеница, сепак СДС е декласиран од граѓаните и тоа е важна порака од граѓаните до нивното раководство“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека, поради поголемиот број кандидати, најверојатно ќе има втор изборен круг, кој е најавен за 1 ноември.
Според Мицкоски, изборните резултати имаат и пошироко политичко значење, бидејќи, како што оцени, претставуваат потврда за поддршката на граѓаните кон политиките на Владата и ВМРО-ДПМНЕ.
„За нас, ова е уште една потврда дека граѓаните ја препознаваат и ја поддржуваат политиката што ја водат ВМРО-ДПМНЕ и Владата“, истакна тој.
Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи со инвестиции во патишта, водоводи, училишта и комунална инфраструктура, вклучително и во Брвеница.
Тој им се заблагодари на граѓаните што излегле на гласање, на партиските активисти и на сите учесници во изборниот процес, нагласувајќи дека идниот градоначалник мора да работи за сите жители, без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност.
„Победата е огромна, но и нашите обврски за оваа општина се огромни. Со конкретни проекти. Со одговорност. Со почит кон секој човек. За една Брвеница за сите“, порача Мицкоски.
И покрај прогласената победа во првиот круг, конечниот избор на градоначалник ќе зависи од понатамошниот изборен процес и официјалните резултати на Државната изборна комисија.