Вештакот Петре Русески, ангажиран од одбраната во предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на денешното рочиште изјави дека не смета оти треба да биде изземен. Обвинителството постави прашања за неговите претходни ангажмани и соработката со други вешти лица, а во продолжението од вкрстеното испитување ги преиспитуваше неговите заклучоци за состојбата и интервенциите во објектот.
Обвинителката Наташа Сарамандова го праша Русески дали смета дека постои основ за негово изземање, посочувајќи дека Обвинителството, пред да ангажира вешто лице, проверува дали против него се води постапка или било осудувано и дека очекува такви проверки да прават и другите странки.
Русески потврди дека претходно учествувал во изработка на вештачења за „Инкс Дрим“ АД Струга, заедно со лицата што ги посочи Обвинителството.
„Инаку 11 вештаци се обвинети за лажен исказ, врз основа на изјава на еден вештак. И тоа е обвинение што две години нема рочиште. Не сметам дека треба да бидам изземен“, изјави Русески.
Тој појасни дека Василка Каевска, како вештак од областа на архитектурата, работела со него за полесно да одговорат на поставените прашања, додека геодетот Инает Ертани имал советодавна улога.
Одбраната реагираше на начинот на испитување, оценувајќи го како малтретирање и навреда на вештакот. Според одбраната, Обвинителството немало прашања со кои би ги поткрепило своите наводи.
Во продолжението, обвинителот Дарко Јакимовски побара објаснување за деловите од вештачењето во кои Русески наведува дека биле задоволени основните минимално-технички услови во објектот, додека во друг дел оценката за противпожарната функционалност, евакуацијата, електричната инсталација, вентилацијата и другите безбедносни услови ја остава на соодветни стручни лица и надлежни органи.
Русески потврди дека во вештачењето е наведено оти неговото мислење се ограничува на градежно-архитектонскиот аспект. Остана на ставот дека, од тој аспект, објектот одговорил на својата намена.
На прашањата за внатрешното уредување, вештакот повтори дека изведените интервенции ги смета за градежно-занаетчиски работи, а не за реконструкција.
„Дефинитивно нема реконструкција од градежен аспект, нема промена во деловниот простор и дефинитивно се градежно-занаетчиски работи на внатрешно ентериерно уредување на просторот“, изјави Русески.
Обвинителството укажа дека Законот за градење не го познава терминот „градежно-занаетчиски работи“. Русески, пак, тврдеше дека тие работи не се дефинирани во законот затоа што за нив не се потребни одобренија, овластувања и лиценци.
Неговите наводи предизвикаа реакции и на претходното рочиште, кога родителите на загинатите ги оспорија тврдењата за исполнетоста на условите во објектот. Александар Наунов тогаш изјави дека градежните зафати не може да се третираат како обични занаетчиски работи за да се избегне одговорноста за градење без одобрение.
Тој порача дека судскиот процес „не е само за градежни конструкции, туку за безбедноста, одговорноста и загубените човечки животи“.
Судењето продолжува со изведување докази предложени од одбраната.