Македонија

Николоски: Новиот оператор „4iG“ ќе ја користи сателитската мрежа на Илон Маск

Николоски: Новиот оператор „4iG“ ќе ја користи сателитската мрежа на Илон Маск

Македонија и Црна Гора ќе бидат меѓу првите земји во регионот во кои ќе се воведе директно сателитско поврзување на мобилните телефони преку Starlink, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за „360 степени“.

Николоски откри дека новиот мобилен оператор „Оне Македонија“, кој е дел од унгарската групација „4иГ“, планира да ја користи сателитската технологија на компанијата „Спејсекс“, чиј основач е Илон Маск.

„Кога ќе заврши тестирањето, одат директно на Starlink, односно на сателитите на Илон Маск“, изјави Николоски, оценувајќи дека станува збор за значаен технолошки исчекор за Македонија.

Тој посочи дека, согласно обврските на новиот оператор, до март 2027 година треба да биде обезбедена покриеност на најмалку еден град, а до крајот на истата година услугите треба да бидат достапни на територијата на целата држава.

Иако операторот имал можност сам да избере во кој град прво ќе започне со работа, одлуката паднала на Скопје.

„Тие го одбраа градот Скопје, што значи дека сериозно влегуваат на пазарот“, рече Николоски.

Соработката меѓу „4иГ“ и „Спејсекс“ беше официјализирана на 2 септември годинава. Според објавениот договор, следната генерација Starlink Mobile V2 е предвидена и за Македонија, Црна Гора, Албанија и Унгарија.

Технологијата треба да овозможи директно поврзување на компатибилни мобилни телефони со сателити, особено во подрачја каде што класичните мобилни мрежи имаат ограничена покриеност. Сателитската услуга е замислена како дополнување на постојната телекомуникациска инфраструктура, а не како нејзина целосна замена.

Николоски очекува влезот на третиот мобилен оператор да ја засили конкуренцијата и да придонесе за намалување на цените на телекомуникациските услуги.

Според неговите информации, новиот оператор планира да понуди значително пониски цени од двата постојни мобилни оператори.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни