Македонија

МОН повлекува 33 учебници за прво, второ, четврто и петто одделение – учениците ќе добијат нови од 2027 година

МОН повлекува 33 учебници за прво, второ, четврто и петто одделение – учениците ќе добијат нови од 2027 година

Нови учебници ќе добијат учениците од прво, второ, четврто и петто одделение од учебната 2027/2028 година, откако Министерството за образование и наука најави повлекување на 33 учебници што моментално се користат во овие одделенија.

Од МОН информираат дека станува збор за учебници кои се во петтата година од употреба и за кои е потребно подобрување на квалитетот и осовременување на содржините. Преку Педагошката служба веќе е објавен конкурс за изработка на нови учебници, кои треба да бидат подготвени за почетокот на учебната 2027/2028 година.

Во меѓувреме, Министерството спроведува постапки за обновување на наставните материјали и во повисоките одделенија и во средното образование. По донесувањето на новите наставни програми, обезбедени се нови учебници за седмо и осмо одделение во основното образование, како и за прва и втора година во средното гимназиско образование.

За административно завршување на постапките, донесени се решенија за повлекување на вкупно 108 учебници што претходно биле во употреба. Од нив, 17 се за седмо одделение, 18 за осмо одделение, 35 за прва година и 38 за втора година во гимназиското образование.

„Повлекувањето на овие учебници е со цел административно докомплетирање на спроведените постапки. Сега веќе се обезбедени и се употребуваат нови учебници“, наведуваат од Министерството за образование и наука.

Активни се и конкурсите за учебници за деветто одделение во основното образование и за трета година во средното гимназиско образование. И тие треба да бидат достапни од учебната 2027/2028 година.

Во текот на следната година се планира да започнат и постапките за обновување на учебниците за трето и шесто одделение во основното образование, како и за четврта година во гимназиското образование.

Според најавите на МОН, со овие активности реформата во делот на наставните материјали и учебниците во основното и средното гимназиско образование треба да биде заокружена во рамките на еден четиригодишен мандат.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни