Свет

Проблемите со Google Cloud предизвикаа прекини во банкарските услуги, доставата и веб-страниците

Проблемите со Google Cloud предизвикаа прекини во банкарските услуги, доставата и веб-страниците

Проблеми со Google Cloud предизвикаа прекини во работата на десетици веб-страници и апликации, меѓу кои банкарски услуги, платформи за достава и други дигитални сервиси. За тешкотии при користењето пријавиле и корисници на дигиталната банка Revolut, а проблеми се забележани и кај дел од услугите на британскиот здравствен систем NHS England.

Според информациите објавени од „Скај њуз“ на 20 октомври, проблемите го зафатиле регионот на Google Cloud во западна Европа, означен како „europe-west2“, кој е поврзан со Лондон. Првите пријави за прекинот биле регистрирани нешто по 7 часот наутро по британско време, а компанијата соопштила дека работи на утврдување и отстранување на причината.

„Имаме проблем со повеќе услуги во регионот europe-west2, кој започна во понеделникот. Нашиот инженерски тим продолжува да го истражува проблемот. Им се извинуваме на сите корисници погодени од прекинот“, соопштиле од Google Cloud.

Меѓу сервисите за кои корисниците пријавиле проблеми се Revolut, Lloyds Bank, HSBC, Bank of Scotland и Halifax, како и поштенските и курирските услуги Royal Mail и DPD. Тешкотии биле пријавени и кај веб-страницата за недвижности Rightmove и платформата SiteGround.

Проблеми пријавиле и корисници на британскиот здравствен систем NHS England, супермаркетот Asda и владиниот портал Gov.uk. Засега не е потврдено дека сите пријавени прекини се директно поврзани со проблемот на Google Cloud.

Revolut соопштил дека се соочува со прекин што влијае врз повеќе услуги, но нагласил дека парите и податоците на клиентите се безбедни. Компанијата навела дека работи на отстранување на проблемот уште од моментот кога бил откриен и им се извинила на засегнатите корисници.

Од Lloyds Bank информирале дека нивната апликација е достапна и дека клиентите можат нормално да се најават, но дека дел од нив имаат проблеми со одредени онлајн услуги. Halifax, пак, потврдил дека некои корисници се соочуваат со тешкотии при користењето на апликацијата и интернет-банкарството.

Последиците се почувствувале и во секојдневните активности. Дел од корисниците пријавиле одбиени плаќања со картички, проблеми со испраќање пари и тешкотии при плаќање на патарини. Други се пожалиле дека не можат да ги испратат нарачките преку курирските служби, што може да предизвика доцнење на испораките.

Погодени биле и преносите во живо од судниците низ Велика Британија. Според „Скај њуз“, во моментот на објавувањето не било јасно кога овие преноси повторно ќе станат достапни.

Дополнително, Google соопштил дека истражува инцидент што ги зафаќа и услугите на Google Security Operations. Засегнатите корисници може да се соочат со прекини при поврзувањето на сесиите и доцнења во извршувањето на процесите на платформата.

Засега нема конечна потврда за причината за прекинот, ниту за тоа кога сите погодени услуги целосно ќе се вратат во нормална работа.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни