Македонија

Одложено сослушувањето на двајцата сведоци во „Државна лотарија“

Одложено сослушувањето на двајцата сведоци во „Државна лотарија“

Рочиштето за предметот „Државна лотарија“ продолжува утре, откако денеска судот не успеа да ги сослуша двајцата најавени сведоци поради нивното отсуство. Во меѓувреме, одбраната ќе достави писмени поднесоци со образложение за околностите што треба да се утврдат преку предложените докази, а сведоците се очекува да бидат испитани на 30 октомври.

Судот на денешното рочиште констатираше дека едниот сведок претходно го известил јавниот обвинител дека не е во можност да присуствува на главната расправа. За отсуството на вториот сведок беше посочено дека е поради службено патување, поради што обвинителството треба да достави соодветно известување до судот.

Судијата предложи двајцата сведоци да бидат сослушани на рочиштето закажано за 30 октомври, за да не се прават дополнителни промени во распоредот на нивното испитување.

Поради нивното отсуство, судот продолжи со разгледување на прашањата поврзани со предложените докази. Повеќе бранители најавија дека ќе достават писмени поднесоци во кои за секој доказ одделно ќе ги образложат околностите што треба да се утврдат со неговото изведување. По доставувањето, Јавното обвинителство ќе има можност да се произнесе.

Судијата укажа дека одбраната треба да ги достави поднесоците пред рочиштето на 30 октомври, за обвинителите да имаат доволно време да ги разгледаат.

На денешната расправа беше разгледано и барањето на одбраната на обвинетиот Александар Димитријевски за доставување на оригиналната документација поврзана со процената и вештачењето. Судот информираше дека е добиено известување од Министерството за правда – Бирото за процена, во кое се наведува дека институцијата нема надлежност да ја достави бараната процена на странката, бидејќи документот бил изработен по барање на друг нарачател.

Главната расправа треба да продолжи утре, 21 октомври, во 11 часот. На рочиштето на 30 октомври, покрај произнесувањето за материјалните докази, предвидено е и испитување на двајцата сведоци.

Во меѓувреме, поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој е второобвинет во предметот, минатата недела излезе од домашен притвор по истекот на максималниот законски рок за оваа мерка. Неговата одбрана доставила барање до судот за укинување и на дополнителните мерки на претпазливост. Како гаранција дека ќе биде достапен за органите на прогонот во текот на постапката, понуден е недвижен имот во вредност од 335.707 евра.

Во предметот „Државна лотарија“, Груби е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување, заедно со уште седум лица. Обвинението беше поднесено на 13 август 2026 година, а Груби се изјасни дека не е виновен.

Поранешниот вицепремиер се врати во земјава во февруари годинава, по повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот, и беше приведен на граничниот премин Блаце.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни