Пациентите во Прилеп отсега ќе имаат пристап до нови оперативни методи за лекување сложени скршеници и сериозни оштетувања на зглобовите. На Ортопедско-трауматолошкото одделение при прилепската Општа болница со проширена дејност успешно се изведени две хируршки интервенции кои досега не биле применувани во оваа здравствена установа.
Од болницата информираат дека двете процедури ќе станат дел од редовните оперативни методи, со што се прошируваат можностите за лекување на пациентите во Прилеп, без потреба за упатување во други медицински центри за интервенции што отсега ќе се изведуваат локално.
Првата интервенција е артродеза на скочниот зглоб, хируршка метода која се применува кај пациенти со напредната артроза и сериозно оштетување на зглобните површини. Со неа се постигнува стабилизација и трајно спојување на зглобот, со цел намалување на хроничната болка и подобрување на функционалноста на екстремитетот.
Втората процедура е ретроградна остеосинтеза на бутната коска, современ хируршки пристап за лекување скршеници во долниот дел на коската. Методата овозможува стабилно фиксирање на коскените фрагменти и создава услови за правилно зараснување.
Како што појаснуваат од болницата, значајна карактеристика на двете интервенции е примената на интрамедуларна фиксација, односно поставување специјални импланти во внатрешниот канал на коската.
„Овој современ, минимално инвазивен пристап овозможува поголемо зачувување на околните меки ткива, помала загуба на крв за време на оперативниот зафат и намалување на оперативната траума“, наведуваат од установата.
Според болницата, во зависност од тежината на повредата и здравствената состојба на пациентот, ваквите техники може да придонесат за намалување на одредени постоперативни ризици и полесно закрепнување.
Успешното изведување на интервенциите, додаваат оттаму, е резултат на стручноста, посветеноста и континуираното усовршување на медицинскиот тим на Ортопедско-трауматолошкото одделение.
Со воведувањето на новите методи се прошируваат можностите за хируршки третман на сложени скршеници и напредни дегенеративни заболувања на зглобовите. Од прилепската болница упатија желби за брзо и успешно закрепнување до првите пациенти кај кои беа применети новите оперативни процедури.