Професионалните војници во Армијата на Северна Македонија ќе добијат можност да продолжат да работат и по навршувањето на 45-годишна возраст, но со статус на цивилни лица и работен однос на неопределено време. Новото решение беше усвоено денеска на владина седница, а според Министерството за одбрана, со него трајно се решава долгогодишното прашање за статусот на професионалните војници по достигнувањето на возрасната граница.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски, на заедничка прес-конференција со началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и претставници на синдикалните здруженија во одбраната, соопшти дека решението е договорено и усогласено со Армијата и војниците.
Со реформата, професионалните војници ќе можат да останат во Армијата како цивилни лица, при што работниот однос ќе им биде трансформиран од определено на неопределено време. И натаму ќе бидат достапни досегашните можности, како исплата на отпремнина или трансфер во други институции.
„Решението значи дека војниците конечно заслужено ќе можат да бидат задоволни и сигурни и по својата 45. година. Остануваат сите опции – отпремнина, трансфер во институциите, но со оваа реформа правиме можност секој војник да може да остане како цивилно лице во Армијата“, изјави Мисајловски.
Тој појасни дека станува збор за ново решение кое не е дел од Колективниот договор, за кој преговорите продолжуваат.
Началникот на Генералштабот, Сашко Лафчиски, оцени дека ова е значајна вест за професионалните војници, имајќи предвид дека прашањето за нивниот статус по навршувањето на 45 години се провлекува повеќе од 15 години.
Според Лафчиски, со новото решение ќе се регулира и прашањето за обезбедувањето на гарнизоните, касарните и имотот на Армијата. Оваа обврска ќе ја преземаат единиците во кои ќе бидат распоредени професионалните војници кои ќе го трансформираат работниот однос.
Тој посочи дека професионалните војници имаат искуство и познавање на системот, што ги прави соодветен кадар за извршување на овие задачи.
Од Министерството за одбрана информираат дека месечните примања на војниците, вклучително и сите додатоци на плата, ќе останат исти. Пензионирањето ќе се одвива според важечките правила и колективни договори во Армијата.
Проценките се дека од следната година околу 100 професионални војници ќе ја искористат можноста за продолжување на работниот ангажман како цивилни лица во Армијата.