Општина Центар планира во 2027 година да започне со проширување на основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, со цел да се зголемат капацитетите и да се создадат услови за едносменска настава. Ова го најави градоначалникот Горан Герасимовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Герасимовски информираше дека во моментов се подготвува проектното решение за проширувањето, а јавната набавка се очекува да биде распишана на почетокот на следната година.
„Во моментот се изработува проектното решение. Верувам дека на почетокот на следната година ќе се распише јавната набавка и дека од 2027 година ќе започнеме со реализација на дополнителните капацитети за нашите деца“, истакна Герасимовски.
Според него, „Песталоци“ е едно од училиштата во општината каде што дел од учениците сè уште посетуваат настава во две смени, поради што е неопходно проширување на просторните капацитети.
Градоначалникот посочи дека целта е постепено да се создадат услови за едносменска настава, во согласност со заложбите за подобрување на образовниот процес.
Како пример го наведе основното училиште „Коле Неделковски“, каде што во претходниот мандат биле зголемени капацитетите, по што наставата се одвива во една смена.
Герасимовски откри и дека има лична поврзаност со „Песталоци“, бидејќи токму таму го завршил своето основно образование.
„И јас сум ученик на ‘Јохан Хајнрих Песталоци’. Таму го завршив основното образование. Тоа училиште ми е при срце и бараме начин како да ги подобриме условите и капацитетите“, рече тој.
Градоначалникот нагласи дека општината и во наредниот период ќе продолжи со инвестиции во образовната инфраструктура, со цел учениците и наставниот кадар да добијат подобри услови за работа.
Проширувањето на „Песталоци“ треба да биде уште еден чекор кон обезбедување современи образовни услови и постепено воведување едносменска настава во училиштата на територијата на Центар.