Македонија

Герасимовски: Изгубивме драгоцени две години на европскиот пат – сега ВМРО-ДПМНЕ мора да преземе одговорност

Герасимовски: Изгубивме драгоцени две години на европскиот пат – сега ВМРО-ДПМНЕ мора да преземе одговорност

Македонија изгубила две драгоцени години во процесот на европската интеграција, а одговорноста за понатамошниот напредок сега е кај актуелната власт. Ова го порача потпретседателот на СДСМ, Горан Герасимовски, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Герасимовски оцени дека долгогодишните политички дебати околу македонскиот јазик, идентитет, историја и култура непотребно го забавиле европскиот процес.

Тој се повика на пораките од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оценувајќи дека тие ги потврдуваат гаранциите за македонскиот идентитет и јазик.

„Сето она за што во минатото се говореше, дека не се безбедни јазикот, идентитетот, историјата и културата, падна во вода. Изгубивме драгоцени две години, но обврската сега е на власта да носи одлуки“, истакна Герасимовски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ располага со политички легитимитет и парламентарна поддршка за да преземе конкретни чекори во однос на европската интеграција.

Герасимовски се осврна и на претходните најави за репреговарање на европската преговарачка рамка, оценувајќи дека очекувањата за такво решение не се оствариле.

Тој посочи дека и други земји кандидати за членство во Европската Унија се соочуваат со дополнителни барања и блокади од соседни држави.

Како пример ја наведе Црна Гора и одредени прашања што се појавуваат во нејзиниот пристапен процес во односите со Хрватска.

„Не знаеме што ќе се случува и кај нас по надминувањето на првата пречка. Но, обврската е на актуелната власт да одлучи како државата ќе продолжи во пристапните преговори со Европската Унија“, рече Герасимовски.

Тој порача дека европската интеграција мора повторно да стане суштински политички приоритет, а одговорноста за следните одлуки ја лоцираше кај владејачкото мнозинство.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни