Градоначалникот на Општина Центар и потпретседател на СДСМ, Горан Герасимовски, порача дека во моментов е целосно посветен на локалната самоуправа и дека негова цел е да го заврши градоначалничкиот мандат и да ги реализира ветените проекти.
Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Герасимовски беше прашан дали при евентуална промена на централната власт би останал на градоначалничката функција или би прифатил позиција во некое министерство.
Тој одговори дека засега не размислува за такво сценарио.
„Искрено, не сум размислувал за тој дел. Сега добивме можност заедно со граѓаните да ги реализираме проектите што ги планиравме во предизборниот период“, истакна Герасимовски.
Според него, дел од најавените капитални проекти веќе се започнати, други се во фаза на проектирање, а за дел допрва треба да започне реализацијата.
Герасимовски нагласи дека градоначалничката функција носи голема одговорност, бидејќи подразбира секојдневни средби со граѓаните, решавање конкретни проблеми и паралелно планирање на развојот на општината.
Тој посочи дека неговата дополнителна политичка функција во СДСМ не претставува пречка за извршување на градоначалничките обврски, доколку времето и активностите се соодветно организирани.
„Целосно сум сконцентриран и насочен кон мојата работа како градоначалник. Нема да дозволам да ја изневерам довербата што ми ја дадоа граѓаните. Сакам целосно да го завршам мандатот и да ги реализираме сите проекти“, порача Герасимовски.
Тој нагласи дека конечната оценка за успешноста на неговото работење треба да ја дадат жителите на Центар, врз основа на реализираните проекти и подобрувањето на условите за живот.