Општина Центар планира изградба на нова детска градинка во близина на Клиничкиот центар, на земјиште во државна сопственост, за што веќе се предвидени средства во општинскиот буџет.
Ова го најави градоначалникот Горан Герасимовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, посочувајќи дека проширувањето на капацитетите за предучилишно образование останува еден од приоритетите на општината.
Според него, по изградбата на градинката „Пролет“, општината продолжува со планирање нови објекти, со цел да одговори на зголемениот број деца и потребите на родителите.
„По градинката ‘Пролет’, планираме да започнеме нов проект за изградба на градинка кај Клиничкиот центар, под самата болница. Имаме државна парцела, проектот е ставен во програмата и обезбедени се буџетски средства“, изјави Герасимовски.
Тој посочи дека наскоро се очекува започнување на активностите за подготовка на проектот.
Градоначалникот нагласи дека Центар се соочува со постојано зголемување на бројот на деца, што е поврзано и со урбанистичкиот развој и изградбата на нови станбени објекти.
За разлика од други општини и градови во државата каде што бројот на ученици и деца во градинките се намалува, Герасимовски истакна дека во Центар се бележи спротивен тренд.
Тој потсети дека градинката „Пролет“ претставува значајна инвестиција, бидејќи, според неговите зборови, станува збор за нов објект изграден по приближно пет децении.
Со новата планирана градинка кај Клиничкиот центар, општината има намера дополнително да ги зголеми капацитетите и да обезбеди подобра достапност на предучилишното образование.
Герасимовски нагласи дека реализацијата на ваквите проекти е дел од пошироката програма за подобрување на условите за живот на младите семејства во Центар.